Во изминатиов период, Коалиција на младински организации СЕГА ја водеше програмата Македонскиот модел на Обединетите нациии каде што се одржаа низа активности како работилници, обуки и сесии заедно со клуб-координаторите на тимовите. Целта на програмата е  преку симулација на работата на вистинските Обединети нации да се зајакнат капацитетите на младите луѓе од Македонија во полето на застапување, лобирање, дипломатија, мирно решавање конфликти, јавно говорење и пишување. На конференцијата учествуваат околу 80 млади од Скопје, Кавадарци, Прилеп, Штип и Гевгелија кои беа во улога на делегати од повеќе земји-членки на Обединетите нации како: Египет, Украина, Германија, Русија, Франција, САД, Велика Британија, Индија, Јапонија, Северна Кореја, Кина, Грција, Италија и др.

Како главни говорници на отворањето на оваа конференција беа: Елена Лазова како генерален секретар на Македонскиот модел на ОН, Мариче Тренеска - претставник од Коалиција на младински оргнизации СЕГА и Самоил Крстевски - претставник од Европскиот универзитет.

На отворањето на церемонијата ги поздрави генералниот секретар, Елена Лазова, која истакна: „Почитувани делегати, многу ми е мило што ве има во толку голем број. Денес е денот кога ќе ѝ презентираме на јавноста што е тоа што ние го правевме во минатите месеци. Од вас очекувам да бидете активни и да го дадете најдоброто од себе.“

Потоа на делегатите им се обрати Мариче Тренеска, претставик на Коалиција СЕГА, која изјави: „Многу ми е мило што ве гледам во толку голем број млади ентузијасти со желба за знаење за функционирањето на моделот на ОН. Коалиција СЕГА активно се залага за развој и имплементација на младински политики на локално и национално ниво, ги поврзува и зајакнува младинските организации со цел активирање на младите и подобрување на условите за нивниот личен и професионален развој“.

На крај се обрати г-дин Самоил Крствски од Европскиот универзитет кој рече: „Добредојдовте на Европскиот универзитет во Скопје, се надевам дека денеска ќе уживате во работата на моделот на ОН, и како млади генерации кои доаѓаат ќе бидете наши студенти во иднина“.

Делегатите учествуваа во 6 комитети и тоа: Генерално собрание, Собрание на млади, УНИЦЕФ, Совет за човекови права, Советот за безбедност и Ентитетот за родова рамноправност познат како ОН жени. Во овие комитети делегатите водеа дебата каде што решаваа реален проблем со кој се соочуваат нивните земји и на крај мораа да донесат заедничко решение - резолуција.

На крај се одржа завршна церемонија каде што беа доделени сертификати за сите учесници на оваа конференција и беа прогласени: најдобар делегат, најдобар клуб координатор, најдобар тим и најдобар претседавач.

Коалиција на младински организации СЕГА изразува голема благодарност до нашите поддржувачи и спонзори: Европски универзитет - Скопје, Кожувчанка и Синалко - Кавадарци, пекара Џулијано и пекара Алекс - Прилеп и Ладна вода - Скопје.

Младински Организации

КАМПАЊА „365 РАБОТНИЧКИ ПРАВА ЗА МЛАДИ“

Newsletter