Модератор на овој настан беше пратеничката Ивана Туфекџиќ, а на настанот говореа: потпретседателката на Собрание на Република Македонија, Фросина Ташевска Ременски; директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски; пратеничката Невенка Стаменковска; претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески; пратеникот Костадин Костадинов; извршниот директор на Коалиција СЕГА, Зоран Илиески; пратеникот Агим Шаќири и пратеничката Теута Биљаљи.

Процесот за креирање на Законот за млади започнува на иницијатива на Клубот за младински прашања и политики при Собрание на Република Македонија. Креирани се три работни групи, од кои едната е составена од пратеници-членови на Клубот за младински прашања и политики, втората предводена од Агенцијата за млади и спорт, а составена од претставници на институциите на Владата на Република Македонија и третата која е составена од претставници на граѓански организации-членови на најголемите младински чадор организации во државата.

По серијата средби, трите групи креираа предлог-процес за креирање на Закон за млади, кој обезбедува широк, инклузивен и сеопфатен пристап. На креирањето на овој закон ќе му претстојат широки консултации на локално и национално ниво, јавни трибини и дискусии со академска и експертска фела, институционални мапирања, како и серија на јавни расправи. Ова е прв случај на отпочнување на легислативен процес со вклученост на сите засегнати страни.

„Ни претстои процес многу краток, но многу партиципативен. Она што го посочуваме како работна група е дека овој процес треба да биде мотив за секој млад човек и секој оној кој доаѓа од граѓанска организација да го даде својот придонес во истиот“ – истакна Зоран Илиески, извршен директор на Коалиција на младински организации СЕГА.

Младински Организации

КАМПАЊА „365 РАБОТНИЧКИ ПРАВА ЗА МЛАДИ“

Newsletter